„Реплек АД Скопје“ годинава е добитник на престижната награда „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентно котирано акционерско друштво, по избор на медиумите, што традиционално ја доделува Македонската берза за хартии од вредност. Ова признание се врачува на крајот на годината и ја означува доследната, отворена и квалитетна комуникација на компаниите котирани на берзата, како и високите стандарди на отчетност и транспарентност кон инвеститорите, регулаторот и јавноста.
Признанието за најтранспарентна компанија кое го освои „Реплек“ се доделува од комисија составена од искусни економски новинари кои континуирано ги следат компаниите котирани на берзата и професионално известуваат за пазарот на капитал, акциите, како и за берзанските трансакции. Токму тие се сведоци дека „Реплек“ активно информира за сите новини, без разлика дали станува збор за оперативното работење или за промени во акционерската структура на компанијата.
Во име на „Реплек“ наградата ја прими Офелија Петковиќ, директорка на секторот за финансии на компанијата, на свечениот настан организиран од Берзата.
„Ова признание за најтранспарентна компанија има посебно значење за нас, бидејќи доаѓа во годината кога го одбележуваме јубилејот – 80 години ‚Реплек’. Дополнителна тежина му дава фактот што е доделено од искусни новинари кои го препознаа нашиот напор за транспарентно работење и чие расудување е гаранција за кредибилитетот на наградата. Транспарентното работење ние во ‚Реплек’ не го сметаме само како обврска, туку како стратешка определба. Токму преку отворена комуникација, отчетност и доследност во работењето, ја зајакнуваме довербата кај инвеститорите, партнерите и пошироката јавност, вредности кои ќе продолжиме да ги негуваме и во иднина. Ова значајно признание ќе нѐ поттикне уште повеќе да останеме доследни на одговорното и отворено работење“, изјави Петковиќ.
Наградите на Македонската берза вклучуваат повеќе категории за најпрепознатливите и најактивни учесници на пазарот на хартии од вредност. Во номинација за наградите учествуваат 10 можни добитници, a процесот на избор е целосно транспарентен и се темели на комбинација од мислењето на јавноста и јасно мерливи пазарни податоци, како што се остварениот промет, бројот на трансакции, порастот на цената на акциите и слични критериуми.
Акцијата на „Реплек АД Скопје“ е една од најтргуваните хартии од вредност на Македонската берза. Веќе една година акциите на компанијата се дел од елитниот клуб на Македонскиот берзански индекс МБИ10, што e уште една потврда за стабилноста и довербата што пазарот ја има во компанијата, а што дава додатна мотивација за натамошно унапредување на транспарентноста. Дополнителен доказ дека „Реплек“ континуирано ја засилува отчетноста е фактот што компанијата пред извесен период направи сплит на акциите во однос еден спрема 10, со што акциите станаа подостапни за поголем број на акционери, а компанијата демонстрираше уште поголема отвореност кон инвеститорската заедница.
(ПР)







