(Видео) Владата ги намали парите за загаден воздух за 50% во споредба со лани, рече Лукаревска и праша кои конкретни мерки се преземени

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања го праша министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, за кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина и за тоа како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година во година ги намалува средствата за оваа намена.

„Во Ребалансот на Буџетот за 2025година – Заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4% во износ од 868 милиони денари помалку, сведувајќи се од 6,4 милијарди на околу 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката  – Намалување на загадувањето, каде што првично планираните  3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19% намален буџет, а во однос на претходната година истиот е планирано да се намали за 48,2%, тоа е скоро 50%“ рече Лукаревска.

Таа нагласи дека е несвојствено да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството и изрази загриженост за тоа како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздух ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.

„Моето прашање е кои конкретни мерки ги превземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето , имајќи го во предвид фактот дека од година во година, со секој буџет и ребаланс на буџет, ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем ?“, праша Лукаревска.

Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средни претпријатија.

Scroll to Top