Кина воведе санкции против 20 американски одбранбени компании и 10 поединци поради продажбата на оружје на Тајван, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Мерките вклучуваат замрзнување на нивниот имот во Кина и забрана за кинески организации и граѓани да соработуваат со нив, како и забрана за влез во земјата за санкционираните поединци.
Меѓу погодените компании се подружница на Boeing во Сент Луис, како и Northrop Grumman Systems Corporation и L3Harris Maritime Services. Санкциите следуваат откако Соединетите Американски Држави минатата недела објавија продажба на оружје на Тајван во вредност од 11,1 милијарда долари – најголемиот ваков пакет досега.
Кина оцени дека прашањето за Тајван е „црвена линија“ во односите со САД и ги повика Вашингтон да ги прекине, како што ги нарече, „опасните напори за наоружување на островот“. Пекинг го смета Тајван за дел од својата територија, додека Тајпеј тврди дека има суверенитет.







