Новогодишни пакетчиња за децата од ОУРЦ ,,Д-р Златан Сремец”, „Димитар Влахов” и децата со оштетен слух и говор од ООУ “Кузман Јосифовски-Питу”

Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска и отец Оливер Петровски од Хуманитарната Организација “Св. Спас”, денес ги посетија дечињата од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“, ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ и децата со оштетен слух и говор од ООУ “Кузман Јосифовски-Питу“. Во рамки на посетата, им поделија новогодишни пакетчиња и им посакаа среќни празници. Градоначалничката посочи дека задоволството од ваквите средби претставува дополнителен поттик за континуирана работа, со јасна определба Општина Кисела Вода и во 2026 година активно да спроведува политики и мерки за унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост.

-Секогаш се радувам на средбата со овие дечиња и на можноста Новогодишните и Божикните празници да им ги збогатиме со мигови на кои ќе се сеќаваат. Заедно со мојот драг пријател отец Оливер Петровски и хуманитарната организација „Свети Спас”, каде со негова поддршка оваа денешна благородна мисија е успешна, им поделивме пакетчиња и им посакавме среќни празници и година исполнета со многу здравје и радост. Големо е задоволството кога ја гледаме радоста кај нив, а нашата заложба е и во 2026 година, Општина Кисела Вода активно да продолжи со спроведување бројни иницијативи и проекти насочени кон поддршка и унапредување на квалитетот на живот на лицата со посебни потреби. Веруваме дека преку нашите континуирани активности ќе дадеме значаен придонес во унапредување на инклузивноста, создавање општество без предрасуди и обезбедување еднакви можности и права за лицата со попреченост-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите деца од општината во вторник, 30.12., од 10:00ч.во паркот Шопен на заедничка дружба и Новогодишна програма.

Scroll to Top