150.000 пензионери од вкупно 330.000 пред линеарното покачување имаа пензии од 10-12.000 денари, потсети Мицкоски

Заклучно со април 2026 година линеарното покачување на пензиите кое почна во ноември 2024 година, ќе изнесува 7.000 денари рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања на пуштањето во употреба на нова детска градинка во Кочани, премиерот рече дека токму линеарното покачување на пензиите ја намалило сиромаштијата кај пензионерите кои и сега се најсиромашните во земјава, а придонело и за правилна распределба на приходите.

„Што се однесува до стапката на сиромаштија, во 2024 година таа е помала споредена со 2023 година, изнесува 21,9%. Во 2023 година стапката сиромаштија изнесуваше 22,2%.  Ако се спореди со 2021 година, тогаш е 23%. Цениме дека со оваа интервенција, која ја почнавме уште во ноември 2024 година за октомвриската пензија, кај пензионерите ќе влијаеме уште попозитивно во намалување на стапката на сиромаштија бидејќи од оние параметри кои ги објави Државниот завод за статистика јасно се гледа дека пензионерите се најсиромашната група граѓани. После овие интервенции на линеарно зголемување не само што се намалува тој јаз односно се зголемува правилната распределба на приходите туку се намалува и стапката на сиромаштија бидејќи заклучно со април 2026 година ќе имаме линеарно зголемување за 7.000 денари“, рече премиерот Мицкоски.

Тој не сакаше да ги коментира одлуките на Уставниот суд за линеарното покачување на пензиите кој ќе ја разгледува законитоста кога ќе биде во полн состав оти сега има двајца судии помалку, но потсети дека пред да почне линеарното покачување на пензиите имаше пензии и од 10.000 денари.

„Ќе ве потсетам на уште еден параметар кој го забораваме, дека 150.000 пензионери пред да почне ова линеарно зголемување имаа пензии кои беа околу 10-12.000 денари. 150.000 пензионери од 330.000. Тоа значи дека со ова линеарно зголемување нема пензија која е под 15.000 денари односно се движат од 17-19.000 денари. Како Влада ќе продолжиме во таа насока“, рече премиерот Мицкоски и кажа дека продолжуваат со поддршка не само на пензионерите туку и на другите целни групи во земјава.

Во октомври 2024 година пензиите линеарно се зголемија за 2.500 денари, во март 2025 година уште еднаш линеарно се зголемија за 2.500 денари, третото линеарно зголемување беше во септември минатата година кое изнесуваше 1.000 денари, а во март оваа година пензиите ќе се покачат уште за 1.000 денари.

Scroll to Top