Полуфиналниот натпревар од шпанскиот Суперкуп помеѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид (2:1) во Џеда донесе многу тензии, не само на теренот, туку и крај аут линијата. Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, и напаѓачот на Реал, Винисиус Жуниор, беа во центарот на вниманието.
Нивната расправија стана главна тема по натпреварот, особено поради репликата што Симеоне ја упати кон Бразилецот: „Флорентино ќе те исфрли, запомни“.
Тренерот Чаби Алонсо се вклучи во дискусијата, а Реал Мадрид наводно е незадоволен од ставот на аргентинскиот тренер.
Иако Симеоне не сакаше подетално да го коментира инцидентот на прес-конференцијата, од таборот на Атлетико тврдат дека конфликтот започнал со провокациите на Винисиус, пишува шпански „АС“.
Според верзијата од таборот на Атлетико, сè започнало откако Винисиус побарал пенал по дуелот. Бразилецот потоа наводно се свртел кон клупата на Атлетико со гестови што ги разбесниле сите во соперничкиот табор. „Смирете се, сега ќе досудат пенал“, е реченицата што Винисиус им ја упатил, врдат од Атлетико.
Токму тогаш, Симеоне го замолил фудбалерот да продолжи да игра, а во средината на расправијата, тој ги изговорил зборовите за неговата иднина што биле снимени од камерите: „Ќе те исфрлат“.
Тренерот подоцна разговарал за ова со Федерико Валверде и Дани Карвахал на пат кон соблекувалната.
По средбата, Симеоне се обидел да ги смири тензиите. „Што се случува на теренот, останува на теренот“, им рекол тој на новинарите. Сепак, Чаби Алонсо не се согласил со таков став, кратко велејќи: „Не е сè дозволено“.
Во Атлетико веруваат дека целата ситуација нема да има големи последици, нагласувајќи дека ова не е прво дерби во кое Винисиус е во центарот на слични настани. Исто така, велат дека го разбираат ставот на Чаби Алонсо, кој го брани својот играч, бидејќи тоа е неговата улога.
Foto/ EPA







