Жак Морети, сопственик на барот Le Constellation во Кранс-Монтана, каде што 40 млади луѓе ги загубија животите, а 116 други беа повредени во пожар на новогодишната ноќ, е уапсен. Неговата сопруга Џесика Морети е ослободена по сослушувањето. Одлуката за негово апсење ја донесе обвинителството во Сион поради ризик од бегство, јавуваат италијанските медиуми.
Морети, француски државјани од Корзика, беа сослушани утрово во Сион по обвинение за убиство, нанесување повреди и палење од небрежност. По повеќе од шест часа сослушување, Жак Морети беше однесен со полициско возило, додека неговата сопруга Џесика ја напушти зградата на обвинителството во придружба на нејзиниот адвокат.
„Моите мисли се цело време со жртвите. Ова е незамислива трагедија и се случи токму во нашиот бар. За тоа сакам да се извинам“, рече таа низ солзи.
Промената во пристапот на обвинителот дојде откако беше откриено дека двојката избришала серија видеа од социјалните медиуми поврзани со трагедијата. Ризикот од уништување на доказите, заедно со ризикот од бегство, ги натера властите да го уапсат. Обвинителството истакна дека Морети е француски државјанин, а Франција не дава лесно екстрадиција.
Адвокатите што ги претставуваат семејствата на жртвите изразија незадоволство од досегашниот тек на истрагата.
„Очекуваме нашите клиенти, семејствата, да добијат одговори, да се чувствуваат слушнати и да ги утврдат сите одговорности, од А до Ш“, рече Ромен Жордан, еден од адвокатите.
Неговиот колега Себастијан Фанти беше уште поостар, критикувајќи ја одлуката за претходно апсење на Морети.
„Требаше веднаш да бидат уапсени за да можат да се соберат сите докази и да се додадат во досието. Тоа беше колосална грешка. Доказ е што успеале да деактивираат дел од нивната веб-страница и да избришат содржина од социјалните мрежи што би можела да биде корисна“, изјави Фанти за швајцарската телевизиска станица Rts.
Во меѓувреме, канцеларијата на обвинителот во Рим започна сопствена истрага за смртта на шест италијански државјани и нареди обдукции на нивните тела, што швајцарските власти не го направија пред нивната репатријација. Оваа одлука ќе им овозможи на семејствата на жртвите пристап до документацијата и да учествуваат во постапката. Обвинителите во Брисел и Париз, исто така, започнаа свои истраги за смртта на нивните граѓани.
За потсетување, вчера се појави и информација дека безбедносните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети како го напушта запалениот клуб носејќи каса со пари во рацете.
Сведоците исто така рекоа дека сопственичката избегала со касата цврсто стегната во рацете додека гостите биле зафатени од пламен. Затоа полицијата ги прегледува сите достапни снимки од клубот, вклучувајќи ги, секако, и оние од надзорните камери кои првенствено го покриваа влезот во барот.
Според досегашните информации, Морети била во клубот во моментот на пожарот со својот син од првиот брак, кој бил и раководител на персоналот, а самата таа претрпела изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и ко-сопственик на клубот, Жак, во тоа време бил на друго место.
Снимките од уличните камери наводно го покажуваат драматично различното однесување на мајката и синот. Додека младиот човек одвнатре се обидувал да ги скрши плексиглас панелите на верандата за да ги ослободи заробените гости, таа, како што се појавува на снимката, избегала на улицата – со касата во рацете.
Доколку се потврди автентичноста на снимката, овој детаљ би можел значително да ја влоши правната положба на сопственикот. Таа и нејзиниот сопруг Жак се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди и палење, а сопственичката на барот сега би можел да се соочи и со обвиненија за непружање помош.
Обвинителката Беатрис Пилу, исто така, размислува за зголемување на обвиненијата за да вклучи и можна намера за двајцата осомничени. Неколку елементи укажуваат дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали што се користат за таванот и затворените излези за итни случаи, до целосното отсуство на систем за противпожарна заштита и апарати за гаснење пожар.
фото/епа







