Во германските болници по должината на швајцарската граница смртноста е поголема отколку во остатокот од Германија, поради медицинскиот персонал што заминува на работа преку границата, според студија објавена денес.
„Смртноста во болниците по должината на границата е за 4,4 проценти повисока отколку во остатокот од земјата поради недостаток на медицински персонал, особено медицински сестри“, според студија на Центарот за европски економски истражувања во Манхајм и Институтот Ифо во Минхен.
Причината за недостатокот на медицински персонал е фактот дека од 2011 година, голем број вработени во болниците по должината на швајцарската граница се вработиле во швајцарските институции поради повисоки плати.
„Болниците по должината на границата регистрирале 12 проценти повеќе заминувања на персоналот отколку во другите региони“, се наведува во студијата.
Како што понатаму се наведува, поради недостаток на персонал, болниците се принудени да избираат пациенти и процедури според итноста и да ги ставаат сите медицински случаи што немаат приоритет на листа на чекање.
„Недостатокот на медицински персонал е особено почувствуван кај постарите пациенти и во итни случаи. Оваа група доживеала повисоки стапки на смртност. Додека во остатокот од Германија гледаме зголемување на просечниот животен век, во регионите по должината на границата со Швајцарија оваа вредност опаѓа“, вели Оливер Шленкер, еден од авторите на студијата.
Во последниве години, низ цела Германија има недостиг од медицински персонал, особено медицински сестри и болничари.
Според податоците од надлежните институции, во 2026 година на Германија ќе ѝ недостасуваат најмалку 200.000 болничари и медицински сестри, од кои над 50.000 во болниците.
Платите за медицинскиот персонал во Швајцарија се за 30 до 40 проценти повисоки отколку во Германија.







