Мила Кунис и Ештон Кучер се вратија на црвениот тепих по четири години, период во кој нивниот јавен имиџ драстично се промени.
Познатиот пар, кој со години не се појавувал заедно на вакви настани, изненади со доаѓањето на 83. доделување на Златните глобуси. Иако долго време не уживаат наклонетост од јавноста, актерите и сопружници се погрижија нивното појавување да не помине незабележано.
Мила носеше фустан без прерамки со цветен дезен, корсет и раскошен долен дел, додека Ештон беше облечен целосно во црно. Насмеани и прегрнати, покажаа дека нивната љубов е силна и покрај сите предизвици низ кои поминале заедно. Последен пат заедно на црвен тепих се појавија на доделувањето на Оскарите во 2022 година.
Некогаш омилениот холивудски пар, Мила и Ештон речиси преку ноќ станаа мета на критики откако во 2023 година нивниот поранешен колега од серијата „Лудите седумдесетти“, Дени Мастерсон, беше осуден на затвор поради силување на две жени. Потоа во јавноста протекоа нивните писма за поддршка до судот, во кои апелирале за поблага казна, што предизвика многумина да заклучат дека Кунис и Кучер ги оправдуваат неговите постапки.
„Во писмото зборувавме за Дени, таков каков што го познававме 25 години, за судот да добие целосна слика. Свесни сме за болката што ја предизвикавме“, се правдаше подоцна актерскиот пар, нагласувајќи дека отсекогаш биле и ќе бидат на страната на жртвите на силување.
Токму кога оваа приказна почна да паѓа во заборав, Ештон повторно се најде во центарот на нов скандал – поради пријателството со Шон Диди Комбс, кој во септември 2024 година беше уапсен и обвинет пред федерален суд во Њујорк за повеќе тешки кривични дела поврзани со проституција, за кои подоцна беше осуден на нешто повеќе од четири години затвор. Името на Кучер тогаш се најде во медиумски и јавни дебати поради неговото долгогодишно познанство со Диди и присуството на некои од неговите забави.
Според извори, Ештон изразил непријатност и жалење поради тоа пријателство во светло на обвиненијата и стравувал дека неговото име може да биде вовлечено во случајот ако раперот се обиде да се опкружи со познати личности за своја одбрана. Неговите претставници повеќепати порачаа дека тој немал никакви сознанија за криминалните активности на Диди.
Дополнителни критики кон Мила и Ештон постојат и поради нивната одлука на своите деца – ќерката Вајат (11) и синот Димитри (9) – да не им остават ништо во наследство, иако во текот на успешните кариери стекнале големо богатство.
„Ние не создаваме богатство за нив. Парите по нашата смрт ќе ги донираме во хуманитарни цели или за други корисни работи. Ако нашите деца сакаат да започнат бизнис и ни покажат добар деловен план, ќе инвестираме, но нема да добијат пари само така“, изјавил еднаш Кучер. Тие сакаат нивните деца сами да заработуваат за живот, иако додека не пораснат уживаат во бројни привилегии, како што е користење приватен авион.
Парот е познат и по воспитните методи кои многу родители ги сметаат за необични.
„Не бев тип на родител што постојано ги капе новороденчињата“, изјави Мила Кунис во подкастот Armchair Expert во 2021 година, а Кучер додаде: „Ако видите нечистотија на нив – избањајте ги. Во спротивно, нема смисла“.
Мила призна дека додека растела немала топла вода и ретко се туширала, па истата навика ја задржала и кога добила деца, кои не ги капела секој ден. Ештон изјавил дека секојдневно ги мие само пазувите и интимните делови, а остатокот од телото – не.
Мила и Ештон глумеа пар во серијата „Лудите седумдесетти“, но во реалноста станаа двојка многу години подоцна. Љубовта се роди по долгогодишно пријателство, врската ја започнаа во 2012 година, а се венчаа во 2015 година.







