Руската амбасада на Кипар вчера соопшти дека минатата недела починал еден од вработените во амбасадата, додека локалните медиуми наведуваат дека причината за смртта била самоубиство.
Во соопштението на амбасадата се наведува дека вработениот, идентификуван само како А. В. Панов, починал во четврток, а неговата смрт е опишана како „длабока лична трагедија за семејството и најблиските“. Дипломатската мисија не ја наведе причината за смртта, истакнувајќи само дека е во тек постапка за враќање на телото во Русија.
Кипарските медиуми, повикувајќи се на анонимни полициски извори, објавија дека дипломатот се обесил во својот кабинет. Според тие извори, Панов наводно оставил проштална порака, но руската амбасада не ја споделила со полицијата, туку соопштила дека ќе биде испратена во Москва на разгледување.
Изворите тврдат дека дипломатскиот персонал не им дозволил на локалните истражители да влезат во амбасадата за да го прегледаат местото на наводното самоубиство. Телото, наводно, ѝ било предадено на полицијата во дворот на амбасадата.
Потрага по бизнисмен
Во меѓувреме, на Кипар трае потрага по 53-годишниот руски бизнисмен Владислав Баумгертнер, кој во средата го напуштил својот дом во Лимасол, облечен во кратки црни панталони и црна маица, по што исчезнал и не се вратил дома.
Спасувачи, полиција и волонтери, со помош на полициски хеликоптер и дронови, од саботата трагаат по Баумгертнер. Потрагата е фокусирана на тежок терен во близина на селото Писури, каде што последен пат бил забележан сигналот од неговиот мобилен телефон.
Баумгертнер дипломирал на Уралскиот технички универзитет, а кариерата ја започнал во компанијата Ураленерго. На почетокот на 2000-тите стекнал магистерски дипломи по бизнис администрација и финансиски менаџмент во Обединетото Кралство, по што се вработил во компанијата за производство на калиумови соли Уралкали.
Во 2003 година станал комерцијален директор, а во 2005 година претседател на управата и извршен директор на компанијата. Во 2005 година Уралкали, заедно со белоруската компанија Беларукали, ја основал Беларус Поташ Компани (BPC) – заедничка фирма која во еден период контролирала повеќе од 40 отсто од светскиот извоз на калиумови соли.
Уапсен во 2013 година во Белорусија
Партнерството се распаднало во 2013 година поради несогласувања околу стратегијата – дали да се ограничи производството за одржување на цените или да се зголемат количините за поголем приход.
Во јули 2013 година Баумгертнер објавил дека Уралкали се повлекува од BPC, што предизвикало пад на цените на глобалниот пазар. „Тоа е како Саудиска Арабија да го напушти ОПЕК“, изјавил тогаш за Ројтерс трговецот Дмитриј Рижков.
Повлекувањето на Уралкали било тежок удар за белорускиот претседател Александар Лукашенко. Во август 2013 година, еден месец по повлекувањето од BPC, Баумгертнер пристигнал во Минск на преговори со тогашниот белоруски премиер Михаил Мјасникович.
По неуспехот на преговорите, полицијата го уапсила на аеродромот, наводно по лична наредба на Лукашенко. Баумгертнер поминал еден месец во самица, по што бил префрлен во куќен притвор. Истрагата против него подоцна била запрена, по што тој се вратил во деловниот сектор.
Фото: depositphotos







