За новогодишно украсување, општините дале 785 илјади евра – најмногу пари потрошила Општина Штип

За новогодишно украсување, општините потрошиле 785 илјади евра, а 78 отсто од вредноста е концентрирана кај една фирма.

Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за трошоците на единиците на локална самоуправа за новогодишно украсување.

„Истражувањето покажува дека: тендери за новогодишно украсување имале 36 општини; најмногу пари потрошила Општина Штип, 81 илјада евра; Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма; Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари; На 81 % од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма; Една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава; 94 % од договорите за јавна набавка за украсување се склучени во декември, на нецели две недели од новата година“, се наведува во соопштението.

Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, се очекува вредноста на трошоците за новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци која има набавка на услугата за новогодишен огномет.

Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.

Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 4.271.600 денари, односно 69.457 евра.

Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.

Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.

Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.

На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).

Во истражувањето е истакнато дека тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција.

„Просечниот број понуди по еден тендер изнесува само 1,15 што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција.  Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето. Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 37.825.726 денари, односно 615.052 евра. Произлегува дека Линк Медиа Плус добила 78 % од вредноста на сите вакви договори“, се наведува во соопштението.

Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, ДИМЕНЗИЈА 360 од Скопје за трите општини од југот Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата ГРИН ВЕЈ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.

Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.

Центарот за граѓански комуникации наведува дека тендерите за новогодишно украсување традиционално се склучуваат доцна во годината што сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема.

„Дури 30 од 32 договори се склучени во декември, со тоа што на дел од нив потписот е ставен нецели 2 недели пред новата година. Ваквото постапување е проследено и со непочитување на законската обврска до Електронскиот систем за јавни набавки да се достави известување за склучениот договор, најдоцна 10 дена од денот на склучувањето. Голем дел од општините не го почитувале овој законски рок. Доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема“, се наведува во соопштението.

Scroll to Top