Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ сака укинување на техничката влада за да ја скрие корупцијата и криминалот во институциите, рече генералниор секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ на денешната прес конференција.
„Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија“, истакна Димитријевиќ.
Тој нагласи дека антикорупцискиот тим на СДСМ веќе изнесе дел од скандалите, но дека вистинската состојба е многу посериозна.
„Антикорупцискиот тим на СДСМ изнесе само дел од работите и скандалите, можете само да замислите што сè се случува таму. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерствата. Тоа е главниот проблем“, рече Димитријевиќ.
Како пример тој го посочи скандалот со европските средства.
„Скандалот со ИПАРД 3 видовте, има и уапсен директор од ВМРО заради корупција и злоупотреба на европски пари. Можете да замислите што сè се случува во Министерството за земјоделство. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерството. Затоа не сакаат техничка влада“, посочи Димитријевиќ.
Димитријевиќ потсети и на сериозни финансиски злоупотреби, како 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 9 милиони евра тендери за трета и 1,2 милиони евра тендери во Пошта.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функционери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со коишто практично се укинува слободата на говорот на опозицијата. Заклучокот е едноставен – не се созреани условите за укинување на техничката влада поради криминалната власт. Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме. Заедно ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, рече Димитријевиќ на денешната прес конференција.







