Гвардиола на засилувања потрошил 2,5 милијарди, во Топ 5 се Мурињо, Анчелоти, Симеоне, Алекгри

Специјализираниот портал „Tрансфермаркт“, објави листа на тренери кои потрошиле најмногу пари за нови играчи во текот на нивните кариери. Листата ја предводи Пеп Гвардиола, како тренер на Барселона, Баерн и Манчестер сити. Пеп Гвардиола е убедливо прв, му треба многу малку за да ја достигне бројката од околу две и пол милијарди евра. Засега, од 2008 година до денес, тренирајќи ги Барселона, Баерн и Манчестер сити, овој 54-годишен Шпанец потрошил точно 2 милијарди и 480 милиони евра според „Tрансфермаркт“ . На листата на Топ 30 тренери, објавена од „Трансфермаркт“, ниту еден друг тренер во светот не ја пробил границата од две милијарди евра за засилувања, но еден е многу блиску. На второ место е Жозе Мурињо. Познатиот 62-годишен Португалец потрошил 1,96 милијарди евра за нови играчи. Мурињо почнал да работи седум години пред Гвардиола и тренирал многу повеќе клубови, но јасно е дека почнал да ја „пумпа“ оваа бројка од 2004 година кога го презеде Челзи. А потоа како тренер на Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Рома и сега Фенербахче. Третото место на оваа листа му припаѓа на 66-годишниот Карло Анчелоти. Познатиот Италијанец, актуелен селектор на Бразил, потрошил 1,83 милијарди евра за засилувања. Неговото тренерско патување започнало кон крајот на минатиот век, во 1995 година, а до денес ги тренирал некои од најголемите клубови на планетата: Јувентус, Милан, Челзи, Пари Сен Жермен, Реал Мадрид, Баерн, Наполи, Евертон… Во првите пет се „вечниот“ тренер на Атлетик Мадрид, Аргентинецот Диего Симеоне со потрошени 1,52 милијарди евра и уште еден Италијанец и повратник на клупата на Милан, Масимилијано Алегри со 1,48. На шестото место е исто така Италијанец, поранешен тренер на Јувентус, Интер, Челзи, Тотенхем… сега на Наполи, Антонио Конте со 1,36 милијарди евра. Следен е уште еден Јужноамериканец во првите десет, Чилеанецот Мануел Пелегрини, поранешен тренер на Манчестер сити и Реал Мадрид, сега Бетис. Тој потрошил 1,29 милијарди евра. Осми на листата е уште еден Шпанец и сегашен менаџер на Астон Вила, Унаи Емери со 1,28 милијарди. Тој поминал време и во Валенсија, ПСЖ, Арсенал… Последните две места во првите десет им припаѓаат на Германците, актуелниот селектор на Англија, Томас Тухел, со 1,22 и до минатата година менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, со 1,15 милијарди евра. Покрај потрошените милијарди, „Трансфермаркт“, објави и информации за тоа колку трофеи освоил секој тренер. Според тој критериум, Пеп Гвардиола ги оправда големите инвестиции бидејќи е прв меѓу споменатите тренери со 39 титули и купови, пред Карло Анчелоти со 31 и Жозе Мурињо со 27 трофеи. Најлош учинок во Топ 10 има Антонио Конте, Италијанецот освоил само девет трофеи. Foto/ sportklub.n1info.rs

Scroll to Top