Mицкоски очекува добри вести во наредните денови од САД

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува наскоро добри вести за македонските граѓани од САД.

Тој појасни дека суспендирањето на визите за 75 земји, меѓу кои и Македонија, не ги опфаќа визите за потребите на студирањето и туристичките посети, туку само оние кои се однесуваат на имиграција.

„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за ваквов тип на односи помеѓу нашиот стратешки партнер“, рече Мицкоски.

Во таа насока изрази и разочараност од однесувањето на опозицијата.

„Жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон Обединетото Кралство, тоа го прави сега и со САД. Неодамна кога беа наметнати оние трговски тарифи од 30 до 35 отсто, истите тие кои јас ги нареков талог на општеството во политиката поитаа да го навредуваат САД, а ги немаше да се извинуваат кога стапката се намали на 15 проценти“, рече премиерот.

Мицкоски очекува позитивен исход.

„Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам добри вести“, додаде.

Scroll to Top