Трамп објави приватна порака од Макрон: Г7 во Париз, со Русија на иста маса

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави на социјалната мрежа Truth Social приватна порака од францускиот претседател Емануел Макрон, во која му е предложено самитот на Г7 да се одржи во Париз, со учество на Русија, пренесуваат медиумите во регионот.

Според содржината на пораката објавена од Трамп, Макрон предложил состанокот на Г7 да се одржи во Париз во четврток, 22 јануари, попладне, по завршувањето на Светскиот економски форум во Давос. Францускиот претседател, како што е наведено, предложил Русија да биде вклучена меѓу поканетите учесници.

„Можам да поканам Украинци, Данци, Сиријци и Руси како набљудувачи“, се вели во пораката што Макрон ја испратил до Трамп.

Во истата преписка, Макрон го нарекува американскиот претседател пријател и го кани на вечера во Париз, пред неговото враќање во СоединетитеАмерикански Држави.

Трамп претходно изјави дека исклучувањето на Русија од Г8, според него, е тешка грешка. Тој потсети дека Г7 порано функционираше како Г8, но дека поранешниот американски претседател Барак Обама и поранешниот канадски премиер Џастин Трудо не сакаа Русија да биде меѓу членовите на таа група.

Американскиот претседател истакна дека Г7 често дискутира за Русија, но дека Москва не е на преговарачката маса, што, како што изјави, ја намалува можноста за постигнување на каков било сериозен договор. Додаде дека рускиот претседател Владимир Путин често разговара со него и дека тој е единствениот западен лидер со кого Путин одржува директна комуникација.

Според Трамп, рускиот претседател бил навреден од одлуката за исклучување на Русија од Г8. Русија беше исфрлена од таа група во 2014 година, по анексијата на Крим.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека Русија не побарала да се приклучи на Г7, нагласувајќи дека Москва нема интерес да се врати во форматот, кој, според него, го изгубил своето значење во современите глобални околности.

Scroll to Top