Обоистката од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) Татијана Петрушевска незаконски е суспендирана од работа од страна на генералниот директор Оливер Арсовски, соопшти Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ).
Од СКРМ информираат дека ја добиле изјавата на Петрушевска, која повеќе од 30 години е вработена како оркестарски уметник – прва обоа во Македонска опера и балет, и суспензијата е изречена спротивно на законските процедури, без правна основа и со грубо кршење на работничките права.
Во соопштението, СКРМ наведува дека документацијата и исказот на Петрушевска отвораат сериозни и алармантни прашања за начинот на кој директорот Арсовски раководи со институцијата, оценувајќи дека, наместо законито и одговорно управување, се создава слика на институција управувана преку притисоци, страв и злоупотреба на функцијата.
Петрушевска во својот допис до СКРМ наведува дека суспензијата ѝ била врачена по настан на проба на 16 јануари 2026 година за балетот „Мадам Бовари“, кога, според нејзиниот исказ, била таргетирана од диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан дека не свири во темпо.
„Диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан пред оркестарот ме обвини дека не свирам во темпо, во реакција како свесно да сака да влезе во конфликт конкретно со мене, а јас како да бев однапред зацртан таргет. Јас му одговорив дека тоа не е точно и дека „јас свирам онака како што вие диригирате“, по што тој изјави дека можел да биде и многу лош и многу добар, но сега ќе бил многу лош и ме повика да ја напуштам просторијата, по што јас побарав објаснување зошто тоа да го направам и дали го прекршив работниот процес“, раскажува.
По нејзината реакција и по забелешката на концерт-мајсторот Јане Бакевски, како што додава, пробата била прекината, а диригентот ја напуштил салата.
Според Петрушевска, истиот ден таа, заедно со Бакевски и првиот фаготист Марјан Милошевски, поднела пријава до дирекцијата за однесувањето на диригентот. Набргу по поднесувањето на пријавата, како што наведува, добила решение за суспензија со образложение за дисциплински престап од потежок карактер.
Во дописот се наведува дека решението за суспензија, според неа, е невалидно од повеќе аспекти, меѓу кои и тоа што е потпишано со факсимил, како и дека содржи изјава на диригентот датирана од 2025 година, за настан во кој, како што тврди, таа воопшто не учествувала. Петрушевска наведува дека подоцна ѝ бил врачeн и предлог за покренување дисциплинска постапка со изменети датуми, што, според неа, укажува на обид за накнадно „поправање“ на документацијата.
СКРМ во своето соопштение прашува дали е точно дека директорот вршел притисок врз вработените да продолжат со работа „по секоја цена“, и покрај, како што наведуваат, незаконската суспензија на нивната колешка и изјавите од вработени дека се под силен психолошки притисок и не се во состојба да го продолжат работниот процес.
Синдикатот оценува дека случајот повеќе не е внатрешно прашање на МОБ, туку сериозен институционален скандал, и јавно го повикува министерот за култура Зоран Љутков да одговори дали е запознаен со случувањата во институцијата, дали ќе ги заштити вработените и дали ќе преземе мерки.
„Дали воопшто знаете што се случува во Македонската опера и балет или ресорот со кој раководите е целосно надвор од ваша контрола?
Дали ќе ги заштитите вработените во културата кои се жртви на вакво однесување, или ќе застанете во одбрана на директорот со кого, очигледно, имате долгогодишна соработка уште од 2016 година, кога тој бил генерален директор на „Охридско лето“, а вие директор на Драмата на фестивалот?
Дали е вистина дека директорот на МОБ, кој веќе еднаш ја извршувал функцијата во периодот 2006–2010 година, непосредно пред неговото повторно именување цели седум години, според кажувањата на вработените, не се појавувал на своето работно место? И ако е вистина — зошто повторно е поставен?
Дали ќе ги разрешите директорите кои отворено ги кршат законите, малтретираат вработени и ја претвораат културата во поле на лична моќ и страв?“, се прашањата што Синдикатот му ги упати на министерот Љутков.
Од СКРМ соопштуваат дека принципиелно и доследно ќе застанат зад сите вработени во културата кои се изложени на притисоци и незаконски постапки и дека даваат јасна и недвосмислена правна и морална поддршка на својата членка Татијана Петрушевска во, како што наведуваат, борбата против незаконската суспензија и целиот неправеден процес.
Петрушевска најави дека утре во 10 часот ќе даде изјава за медиумите.







