Алијансата на Таравари со критики за „Безбеден град“: Јазични повреди, селективна примена и непропорционални казни

Алијанса за Албанците (крилото на Арбен Таравари) упати критики за проектот „Безбеден град“ и неговата примена во рамки на Законот за прекршоци, оценувајќи дека истиот отвора сериозни правни, социјални и уставни загрижености.

Од партијата посочуваат три главни проблеми.

Прво, како што велат, не се спроведува Законот за употреба на јазиците, особено во службената комуникација со граѓаните, вклучително и при издавање известувања и санкции поврзани со „Safe City“. Тоа, според нив, претставува директно кршење на јазичните права на албанските граѓани во мултиетничка држава.

Второ, се бара ревизија на висината на казните и дефинирање на толеранција, со цел, како што наведуваат, граѓаните да не бидат неправедно оштетени.

„Безбедноста е важна, но не смее да се гради на сметка на егзистенцијата на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Трето, од Алијанса за Албанците посочуваат дека селективната примена на „Safe City“ само во три градови е неправедна и дискриминаторска, иако целта на проектот е зголемување на јавната безбедност.

Партијата бара итно отворање јавна дебата и повикува надлежните институции да ги адресираат забелешките, со цел, како што наведуваат, секој ваков проект да биде во согласност со законот, со еднаквоста и со интересот на сите граѓани.

Scroll to Top