Продолжува соработката меѓу Општина Кисела Вода, осумте општински основни училишта и општествено одговорни правни субјекти, која има за цел да им обезбеди поддршка на децата од семејства во социјален ризик. Оваа соработка се реализира во рамки на проектот „Грижа и сигурност за секое дете“, кој Општина Кисела Вода континуирано ќе го спроведува и во текот на учебната 2025/2026 година.
Во рамки на проектот, децата од социјален ризик имаат можност без никаков паричен надомест да посетуваат настава по странски јазици, информатика и програмирање, како и да бидат вклучени во различни спортски активности. Воспоставена е соработка со 14 спортски клубови (кошарка, фудбал, карате, одбојка, ракомет, кик-бокс и џиу-џица), во кои во моментов тренираат 26 деца, како и со 6 училишта за странски јазици, што ги посетуваат 9 ученици, и 2 училишта за информатика и програмирање, со 4 ученици вклучени во наставата, информираат од Општина Кисела Вода.
Овие активности беа тема на денешната работна средба меѓу градоначалничкат Бети Стаменкоска Трајкоска, претставниците на општинската администрација и директорите на општинските основни училишта.
Во својата изјава, градоначалничката истакна дека Општина Кисела Вода континуирано инвестира во унапредување на наставниот процес, со цел секое дете да има еднаква можност за развој и напредок.
-Остануваме целосно посветени на создавање еднакви и подобри услови за образование и поголема достапност до современи образовни и спортски активности. Благодарни сме на сите општествено одговорни правни субјекти кои со својата поддршка и ангажман се значаен партнер на Општина Кисела Вода во оваа важна мисија- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.







