Левица обвинува за злоупотреби со земјоделски субвенции во Кавадарци

Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кавадарци, Митко Керов, член на СДСМ, со години злоупотребувал лични податоци на граѓани за незаконско осигурување на земјоделски поседи и прибирање државни субвенции, обвинија денеска од ПП Левица.

Според партијата, Керов во соработка со осигурителни компании осигурувал поседи во сопственост на граѓани, најчесто возрасни лица кои не користат електронски услуги на Министерството, без нивно знаење и без нивно присуство при склучување договори.

„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, со што тие воопшто не би дознале дека нивните поседи се осигурани“, велат од Левица.

Од партијата наведуваат дека Керов ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на осигурителните премии и од тие средства добивал лична корист, а за граѓаните станало јасно што се случува дури откако нивните поседи биле оштетени од мраз во изминатите неколку сезони.

„Земјоделците, при аплицирање за обештетување преку јавните повици во општините, биле одбиени со образложение дека нивните поседи се веќе осигурани, иако тие никогаш самите не аплицирале“, посочуваат од Левица.

Според наводите, во обид да ја прикрие ситуацијата, Керов преку физичко лице – неговиот татко И. Керов – уплаќал симболични суми на сметките на дел од оштетените земјоделци, со опис на дознаката „Штета за 2024 година“.

„Очигледна е ноторната злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање“, нагласуваат од партијата.

Од Левица дополнително обвинуваат дека за случајот биле информирани структури од ДПМНЕ, но наместо да постапат, свесно молчеле и вршеле притисок скандалот да не излезе во јавност.

„Наместо институционална реакција, се прават обиди за релативизирање и заташкување на случајот, со цел да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција“, велат од Левица.

Партијата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, сопствениците на осигураните поседи, како и да ги испита наводите од граѓани од Кавадарци и Росоман.

„Доколку има потреба, истрагата треба да се прошири и во други локални самоуправи и да се преземат соодветни мерки“, порачуваат од Левица.

Scroll to Top