Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со нови царини за земјите што испорачуваат нафта на Куба, засилувајќи го притисокот врз комунистичката земја.
Трамп потпиша извршна наредба со која прогласува национална вонредна состојба и воспоставува процес за воведување царини на стоки од земји што продаваат или на друг начин испорачуваат нафта на Куба, заштитувајќи ја националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави од злонамерните дејствија и политики на кубанскиот режим, соопшти Белата куќа.
Висината на царините сè уште не е прецизирана, ниту пак се издвоени земјите чии производи би можеле да се соочат со американски тарифи.
„Наредбата ги овластува државниот секретар и секретарот за трговија да преземат сите потребни мерки, вклучително и издавање правила и упатства, за спроведување на царинскиот систем и поврзаните мерки. Претседателот може да ја измени Наредбата ако Куба или засегнатите земји преземат значајни чекори за справување со заканата или за усогласување со целите на националната безбедност и надворешната политика на САД“, се додава во соопштението.
Трамп: Очекувам Куба наскоро да се распадне
Пред неколку дена, Трамп рече дека очекува Куба наскоро да се распадне, наведувајќи дека Венецуела, нејзиниот поранешен главен снабдувач, повеќе не испраќа нафта или пари на островот.
Венецуела беше најголемиот снабдувач на нафта на Куба, но откако американските воени сили го заробија и соборија венецуелскиот претседател Николас Мадуро, Трамп успешно изврши притисок врз привремената претседателка на земјата, Делси Родригез, сега да испорачува венецуелска нафта во Соединетите Држави.







