Светската здравствена организација бара оданочување на засладените и алкохолните пијалaци

Засладените и алкохолните пијалaци се премногу евтини бидејќи се недоволно оданочени, што доведува до повисоки стапки на дебелина, дијабетес и други болести, вели Светската здравствена организација (СЗО). Децата и адолесцентите се особено погодени, вели СЗО.

Треба да се воведат или зголемат даноци на вакви пијалaци, вели Светската здравствена организација. Ова би ги направило пијалоците поскапи, што би довело до помала потрошувачка, а во исто време би се собрале повеќе пари за здравствениот систем.

Според СЗО, 116 земји низ целиот свет веќе ги оданочуваат безалкохолните пијалaци и другите засладени пијалaци, но многу други пијалоци со висока содржина на шеќер сè уште не се опфатени со даноци, како што се 100% овошни сокови, засладени млечни пијалоци и инстант кафе или чаеви.

„Здравствените даноци се едни од најмоќните алатки што ги имаме за да го промовираме здравјето и да спречиме болести“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. СЗО, исто така, забележа дека најмалку 25 земји, претежно во Европа, вклучувајќи ја и Германија, немаат посебен данок за вино.

За разлика од виното, силните алкохолни пијалоци како што се бренди, коњак, вотка или виски подлежат на данок на алкохол, додека пивото се оданочува со посебен данок на пиво. Консумирањето алкохол може да доведе до болести, насилство и повреди и заболувања, предупредува еден од директорите на СЗО, Етјен Круг.

„Додека индустријата остварува профит, јавноста често ги сноси здравствените последици, а општеството ги сноси економските трошоци“, рече Круг.

Scroll to Top