По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.

Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.

„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.

Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.

Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

Scroll to Top