„Фајненшел тајмс“: Ако Русија го прекрши примирјето, следи координиран одговор – детали од договорот меѓу Украина и Западот

Украина се согласила со западните партнери дека секое упорно кршење на идниот договор за прекин на огнот од страна на Русија ќе предизвика координиран воен одговор од Европа и Соединетите Американски Држави, пишува „Фајненшел тајмс“.

Според пишувањето на весникот, кој се повикува на извори запознаени со разговорите, планот бил разгледуван во повеќе наврати во текот на декември и јануари меѓу украински, европски и американски официјални претставници и предвидува повеќеслоен одговор на секое прекршување на договореното примирје од страна на Русија.

„Фајненшел тајмс“ наведува дека претставници на Украина, Русија и Соединетите Американски Држави треба да се сретнат во Абу Даби утре и во четврток, на разговори насочени кон завршување на војната.

Според предлогот, секое прекршување на прекинот на огнот од страна на Русија би предизвикало одговор во рок од 24 часа, почнувајќи со дипломатско предупредување, а по потреба и со дејствување на украинската армија со цел да се запре прекршувањето.

Доколку непријателствата продолжат, планот би преминал во втора фаза, која предвидува интервенција на силите на таканаречената „коалиција на подготвените“, во која се вклучени повеќе земји-членки на Европската унија, како и Велика Британија, Норвешка, Исланд и Турција.

Во случај на поширок напад, весникот наведува дека координираниот одговор на западните сили, вклучително и американската војска, би бил активиран 72 часа по првичното кршење на прекинот на огнот.

Scroll to Top