Почна судењето на синот на норвешката принцеза за четири силувања

Започна судењето против Мариус Борг Хоиби (29), син на норвешката принцеза Мете-Марит, кој на почетокот од процесот се изјасни дека не е виновен по четири точки од обвинението за силување.

Хоиби е обвинет по вкупно 38 точки, меѓу кои напади врз поранешни партнерки, тешко кривично дело поврзано со дрога и четири обвиненија за силување, за кои му се заканува казна до 16 години затвор доколку биде прогласен за виновен. За дел од полесните кривични дела се изјаснил виновен.

Тој повторно бил уапсен во неделата вечерта под сомнение за напад, закани со нож и кршење на забрана за приближување и му е одреден притвор од четири недели.

Обвинителството соопшти дека Хоиби ќе биде третиран како и секој друг обвинет, без олеснувања поради неговото семејно потекло. Четирите силувања за кои се товари наводно се случиле во 2018, 2023 и 2024 година.

Судењето, кое се смета за еден од најтешките скандали во историјата на норвешката монархија, значително го наруши угледот на кралското семејство. Пресудата се очекува неколку недели по завршувањето на процесот, кој треба да трае до 19 март.

Фото: ЕПА

Scroll to Top