Филипче: Да го продолжиме повикот на Гоце Делчев, Македонија да биде европска држава, а не назад во изолација

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, порача дека делата на Делчев се потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.

Во објавата на Фејсбук, Филипче наведува дека Гоце Делчев бил еден од визионерите кои ги поставиле темелите на македонската државотворност, потенцирајќи дека неговата порака за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес претставува јасен повик Македонија да оди напред кон модерна, просперитетна и европска иднина, а не назад во изолација.

„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика“, порачува Филипче.

Според него, аманетот на Делчев треба да се продолжи преку градење напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.

„Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, се наведува во објавата.

Scroll to Top