Сали: Посветени сме на реформите и постепената интеграција во Единствениот пазар на ЕУ

Министерот за европски прашања и прв заменик претседател на Владата, Беким Сали, учествуваше на седницата на Комитетот за стабилизација и асоцијација (КСА), со која претседаваше заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков. На седницата беше направен пресек на постигнатиот напредок во европската интеграција и беа утврдени приоритетите за наредниот период.

„На состанокот беше потврдена посветеноста на Владата на сигурен напредок на европскиот пат, со фокус на испорака на конкретни реформски резултати, особено во областа на владеењето на правото, јавната администрација и функционирањето на демократските институции“, соопштија од кабинетот на министерот.

Во тој контекст, било нагласено дека постепената интеграција во Единствениот пазар на ЕУ веќе носи опипливи придобивки за граѓаните и бизнисите.

„Иницијативи како СЕПА, WiFi4WB, како и претстојните проекти во областа на роамингот и индустриската усогласеност, придонесуваат за намалување на трошоците, подобра поврзаност и отворање нови можности за компаниите и младите. Овие чекори, беше истакнато, покажуваат дека европската интеграција не е само долгорочна политичка цел, туку процес што веќе носи конкретни придобивки во секојдневниот живот на граѓаните. Северна Македонија останува фокусирана на реформите, зајакнувањето на институциите и сигурниот напредок кон полноправно членство во Европската Унија“, се наведува во соопштението.

Scroll to Top