Божиновска – Колумбија: Продлабочување на соработката за зелена транзиција и јакнење на жените и младите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.

На средбата беше разговарано за унапредување на соработката во рамки на Рамката за соработка меѓу Северна Македонија и Обединетите нации за одржлив развој 2026–2030, со посебен фокус на приоритетите поврзани со енергетската транзиција, климатската акција, заштитата на животната средина и одржливото управување со природните ресурси.

Посебно внимание беше посветено на Стратешкиот приоритет „Отпорно и зелено општество и екосистеми“, кој предвидува јакнење на институционалните капацитети, унапредување на климатската отпорност, намалување на ризиците од катастрофи и промоција на чиста и одржлива енергија.

Министерката Божиновска истакна дека Министерството останува силно посветено на исполнување на националните и меѓународните обврски во рамкии на енергетската транзиција и праведниот развој, нагласувајќи ја важноста од партнерството со меѓународните организации како клучен поддржувач на реформските процеси.

Во рамки на средбата беше нагласена и досегашната активна соработка меѓу двете институции и заедничките активности на министерката Божиновска и постојаната координаторка на Обединетите нации, Колумбија, во насока на јакнење на улогата на жените и младите во креирањето политики и лидерството во енергетскиот сектор.

Двете соговорнички се согласија дека инспирирањето и охрабрувањето на младите и жените да бидат двигатели на промените претставува основа за одржлив развој.Дополнително, беше разговарано за можностите за реализација на нови заеднички проекти и иницијативи и во иднина.

Scroll to Top