Трансродов 18-годишник кој го напуштил средното училиште ги убил мајка си и полубратот пред да убие уште шест други во училиште во канадската покраина Британска Колумбија. Неговите фотографии претходно споделени од неговото семејство сега се објавени во јавноста за прв пат – вклучувајќи ја и едната на која се гледа насмеаниот тинејџер како држи пушка.
Џеси Ван Рутселар, поранешниот ученик кој тргна во крвав поход во средното училиште во Тамблер Риџ, има сериозен израз на лицето на неколку фотографии што неговата баба ги објави на Фејсбук по повод неговиот 14-ти роденден.
„Среќен 14-ти роденден на нашиот внук Џеси!! Те сакаме засекогаш!!“, се вели во објавата од август 2021 година.
Полиција: Роден е како машко, пред шест години започнал транзиција
На друга вознемирувачка фотографија, Ван Рутселар позира со пушка и се смее додека седи на кауч до друго помладо дете. Ван Рутселар го започнал нападот во дом во оддалечената заедница, а потоа го продолжил своето крваво дивеење во средно училиште, каде што властите велат дека починал од самонанесена прострелна рана.
Заменик-комесарот на Кралската канадска коњичка полиција, Двејн Мекдоналд, рече дека Ван Рутселар е „роден како биолошки маж… кој пред околу шест години почнал да транзитира во жена и се идентификувал како жена“.
Ван Рутселар ѝ бил познат на полицијата. Полицајците го посетувале семејниот дом неколку пати во текот на годините поради загриженост за неговото ментално здравје, рече Мекдоналд.
Претходно од куќата беше запленето и огнено оружје, но законскиот сопственик – чие име Мекдоналд не го спомена – успешно поднесе жалба за враќање на оружјето.
Во училиштето беа пронајдени пушка и пренаменет пиштол, но не беше јасно дали станува збор за истото оружје што беше запленето претходно. Во првото предупредување за вооружениот човек, издадено од властите во вторник попладне, вооружениот човек беше опишан како „жена во фустан“.
Мајката и полубратот (11) меѓу убиените
Шест лица беа пронајдени мртви во училиштето, а телата на неговата мајка, идентификувана од CTV News како 39-годишната Џенифер Странг, и неговиот 11-годишен полубрат беа пронајдени во домот.
Околу 25 други беа ранети во хаотичното пукање. Преплашените ученици и наставници зборуваа дека се барикадирале во училниците повеќе од два часа пред да бидат изведени надвор од училиштето.







