Туск: Полска е лојален сојузник на САД, но никогаш нема да биде вазал

Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Полска е сигурен и лојален сојузник на САД, но дека никогаш нема да биде вазал, ниту на САД ниту на други земји.

„Советот за мир е многу иновативен, многу оригинален потфат, но не сите негови аспекти ѝ одговараат на Полска. И треба да можете да разговарате со вашиот најголем сојузник за тоа. Тие односи не можат да се темелат на тоа некој постојано да кимнува со главата и да се обидува да добие нешто со методот на ласкање. Бидејќи тоа не функционира“, рече Туск утрово пред да замине на неформалниот самит на Европската Унија.

Пристапувањето на Полска во Советот за мир на Трамп беше една од главните теми на Советот за национална безбедност на Полска вчера, каде што претседателот Карол Навроцки, кој е идеолошки близок до движењето MAGA, ја критикуваше владата за одбивање на поканата испратена од најважниот сојузник на Полска.

„Полска е верен, лојален, доверлив, предвидлив сојузник на САД и никој не треба да ме убедува во тоа. Тоа е надвор од дискусија. Секој што ги загрозува тие односи ги поткопува темелите на полската безбедност. Но, Полска во тој сојуз, барем додека сум премиер, нема да биде вазал. Лојален, доверлив, верен сојузник, но не и вазал“, рече денес Туск.

Премиерот додаде дека забележал оти понизноста кон САД не им користи на подлизурковците, а одбивањето на владата да ѝ дозволи на Полска да се приклучи на Мировниот совет, што е контроверзно за многу други земји, го нарече „претпазлив пристап“.

„Можеби околностите ќе се променат. Многу земји што се важни за нас имаат слични или други сомнежи, ние сме во добро друштво. Отворени сме за предлози, но тие мора да бидат безбедни за нашата земја и искрени“, рече Туск.

За време на шестчасовната седница, Националниот совет за безбедност ја разгледа новата европска програма за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија – SAFE, каде што на Полска ѝ беа доделени дури 44 милијарди евра меки заеми.

Опозицијата и претседателот се вознемирени од фактот што програмата SAFE не предвидува купување американско оружје, додека премиерот Туск предупреди дека за време на владеењето на сега опозициската конзервативна партија „Право и правда“, која сега лобира за американско оружје, само една четвртина од расходите оделе во домашната полска воена индустрија, додека во владините проекти на Туск финансирани од програмата SAFE, 80 проценти од средствата ќе одат во полската воена индустрија и набавка на оружје.

Scroll to Top