Вчера нешто пред 21:00 часот во Србија се случила тешка сообраќајна несреќа во која се судриле патничко и товарно возило, а според информациите што ги пренесоа медиумите, животот го загубила поранешната српска тенисерка Татјана Јечменица.
Трагедијата се случила на обиколница, каде автомобилот во кој се наоѓала Јечменица се движел наназад, по што во него удрил камион. Таа починала на самото место, додека нејзиниот сопруг се здобил со тешки повреди и бил итно пренесен на лекување.
Пожарникарските екипи интервенирале веднаш по несреќата и успеале да ги извлечат сопружниците од уништеното возило.
Јечменица во најдобрите денови од својот ранкинг во кариерата беше на 72. позиција на ВТА-листата, а по завршувањето на професионалното играње беше ангажирана и како селекторка на женската репрезентација во рамки на ФЕД Купот, каде го пренесуваше своето искуство на новите генерации.







