Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва ги повикала САД да се воздржат од воведување целосна поморска блокада на Куба и се заложи за решавање на разликите преку дијалог.
На средба со кубанскиот министер Бруно Родригез Париља, Лавров ја нарече Куба „братска нација“ и порача дека Вашингтон треба да покаже „здрав разум и одговорност“. Тој додаде дека Русија ги отфрла, како што рече, „неоснованите обвинувања“ дека руско-кубанската соработка претставува закана за американските интереси.
Москва соопшти дека прави сè што може за да ѝ помогне на Куба да се справи со американските притисоци околу снабдувањето со нафта, без да наведе детали. Се очекува Родригез да се сретне и со претседателот Владимир Путин.
Во меѓувреме, порталот Аксиос објави дека американскиот државен секретар Марко Рубио одржал тајни разговори со Раул Гиљермо Родригез Кастро, внук на поранешниот кубански лидер Раул Кастро.
Според Аксиос, разговорите биле опишани како „дискусии за иднината“, а не формални преговори. Ројтерс јавува дека не можел веднаш да го потврди извештајот, а Стејт департментот не одговорил на барањето за коментар.







