Фетаи: Албанскиот јазик истраен пред секој предизвик

Денес, во просториите на Клубот на пратеници, беше одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, со присуство на претставници на државните институции, академици, универзитетски професори, истражувачи и други поканети гости.

Во своето обраќање пред присутните, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, ја истакна важноста на мајчиниот јазик како темел на културниот, институционалниот и општествениот идентитет, ставајќи посебен акцент на правилната и јасна употреба на јазикот во администрацијата, образованието и медиумите.

Тој нагласи дека албанскиот јазик на овие простори поминал долг историски пат, останувајќи жив и функционален и покрај предизвиците. Во таа насока, истакна дека изработката и промоцијата на новиот речник претставуваат важен чекор кон стандардизација и усогласување на терминологијата во службените документи, учебниците и јавната комуникација.

„Нејаснотиите во терминологијата и во службените формулации често стануваат извор на недоразбирања, одолговлекување на постапките и различни толкувања. Затоа, јазичната јасност не е само прашање на норма, туку и прашање на институционална функционалност и почит кон граѓанинот“, истакна заменик-претседателот на Владата Фетаи.

Тој додаде дека во време на непосредна комуникација и брзо ширење на информации, одговорноста за правилна и професионална употреба на јазикот е уште поголема, особено кај јавните институции и медиумите.

Во завршницата на својот говор, заменик-претседателот на Владата изрази благодарност за трудот и ангажманот на професорите, истражувачите и експертите кои придонеле во подготовката на новиот речник, изразувајќи уверување дека истиот ќе стане секојдневна референца во институционалната, образовната и медиумската практика.

„Остануваме посветени на поддршка на иницијативи што го зајакнуваат правилното, еднакво и функционално користење на јазиците во Северна Македонија, во согласност со законските стандарди и принципите на повеќејазичен соживот“.

Scroll to Top