Рубио го информираше Конгресот за Иран: САД распоредуваат воени сили на Блискиот Исток

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, ги информираше водечките американски законодавци за Иран, во време кога САД распоредуваат огромни воени сили на Блискиот Исток, а американскиот претседател Доналд Трамп вели дека на Иран никогаш нема да му биде дозволено да развива нуклеарно оружје.

Рубио одржа редок брифинг пред американските законодавци за Иран само неколку часа пред обраќањето на Трамп пред Конгресот за состојбата на Унијата.

Трамп рече дека сака да го реши конфликтот со Иран преку дипломатски средства, тврдејќи дека Техеран се обидува да развие балистички ракети што би можеле да стигнат до САД, без да прецизира дополнителни детали, објавува лондонски Гардијан.

„Тие веќе развија ракети што можат да ја загрозат Европа и нашите бази во странство и работат на изградба на ракети што ќе можат да стигнат до Соединетите Американски Држави. Ние сме во преговори со нив. Тие сакаат да постигнат договор, но не сме слушнале дека рекле дека никогаш нема да имаме нуклеарно оружје“, рече Рубио.

Според медиумот, избрана група влијателни законодавци обично добива информации од Белата куќа за доверливи разузнавачки прашања, што може да вклучува подготовки за значајна воена акција.

Последниот пат кога Рубио одржа ваков состанок беше на 5 јануари, денот откако САД започнаа успешна операција за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, пренесува Танјуг.

Scroll to Top