Во пресрет на пролетната сезона, Општина Ѓорче Петров започна засилена и координирана акција за уредување, разубавување и системско одржување на јавните површини на целата територија на општината.
Активностите се дел од поширока стратегија за унапредување на урбаната хигиена, зголемување на безбедноста и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„На терен се реализира интензивно кастрење на дрвја и жива ограда со цел подобрување на безбедноста и зачувување на зеленилото, расчистување на гранки и зелен отпад и нивно соодветно отстранување, темелно чистење на тротоари, рабници и пешачки зони, уредување на паркови, детски игралишта и меѓублоковски простори.
Со овие активности се создава почиста, побезбедна и поуредена животна средина, а истовремено се поставуваат основи за понатамошни инфраструктурни и еколошки интервенции во текот на годината.
Општината останува целосно посветена на континуирано и одговорно одржување на јавните простори, со јасна визија за модерно, зелено и функционално Ѓорче Петров. Во наредниот период, активностите ќе се интензивираат и ќе опфатат дополнителни локации, согласно утврдениот план“.







