Балистичка ракета лансирана од Иран навлегла во турскиот воздушен простор; Рубио: НАТО не постои без САД

Балистичка ракета лансирана од Иран влезе во турскиот воздушен простор пред да биде уништена од воздушно-ракетните одбранбени сили на НАТО распоредени во источниот дел на Средоземното Море, објави денес турското Министерство за одбрана.

Министерството објави дека се преземаат сите потребни мерки решително и без двоумење против каква било закана насочена кон турската територија и воздушен простор, објавува Ројтерс.

Инцидентот е четврт од ваков видт од почетокот на американско-израелскиот конфликт со Иран, по три претходни пресретнувања од страна на системите на НАТО овој месец, за што Анкара испрати протестна нота и го предупреди Техеран.

Техеран во претходните три случаи негираше дека одобрил такви лансирања и побара од Анкара да формира заедничка истрага за тоа.

Ракетите испукани од Иран беа соборени над Хатаџ на 4 март и над Газиантеп на 9 март. Третата ракета беше пресретната на 13 март, а Министерството за национална одбрана на Турција изјави дека е „неутрализирана од воздушните и ракетните одбранбени елементи на НАТО распоредени во Источниот Медитеран“, но не даде информации за локацијата, потсетува „Хаберелер“.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, го критикуваше НАТО, велејќи дека воениот сојуз „не постои без САД“, пренесува „Ал Џезира“.

„И тоа е факт познат на сите“, додаде тој.

Scroll to Top