Савески: Жалам за одлуката на колешката Ристоска, за оставката ме извести по СМС порака

Во принцип не сакам да коментирам лични одлуки, но сепак изразувам жалење за одлуката на колешката Ристоска. За ваквиот чин и од неа лично бев известен преку СМС порака по поднесување на оставката, а за причините за истата дознав од медиумите, вели јавниот обвинител, Ненад Савески.

Тој истакна дека јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекувал дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда.

Тој, исто така, вели дека одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од неговите претходници не е персонална и во никој случај не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска.

„Таа одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на јавното обвинителство. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите јавни обвинители заедно и секој поединечно, да не дозволиме ништо да влијае врз нашиот професионален интегритет и секојдневна работа. Воедно, упатувам повик и до сите општествено влијателни субјекти да создадат атмосфера во која угледот на обвинителството нема да се загрози, бидејќи тоа е во интерес не само на јавното обвинителство, туку и на сите граѓани кои што ги остваруваат своите индивидуални права и слободи меѓу останатото и преку работата на оваа институција“, вели Савески.

Тој додава дека сите одлуки што ги носи од почетокот на извршувањето на оваа функција и што ќе продолжи да ги носи се во насока да ја гарантира независноста и самостојноста во работењето на Јавното обвинителство.

Scroll to Top