Претставата „Народен пратеник“, по текст на комедиографот Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, на 6 април ќе гостува на 5. издание на фестивалот „5-РЕ“ во Велес.
Веднаш потоа, ансамблот заминува за Србија, каде на 8 април ќе настапи на јубилејното 30. издание на фестивалот Актерски свечености – „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац, кој годинава се одржува од 3 до 9 април.
Претставата „Народен пратеник“ бележи значајна меѓународна сценска присутност како дел од досегашната балканска турнеја. Досега има гостувано во Народното позориште во Белград, на сцената „Раша Плаовиќ“, во Црногорското народно позориште во Подгорица и на повеќе сцени низ Босна и Херцеговина. Претставата е изведувана и на реномирани фестивали, меѓу кои и „Стериино позорје“, и тоа пред регионална публика.
„Народен пратеник“ е добитник на повеќе значајни признанија, помеѓу кои: главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање — највисокото фестивалско одликување и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра, доделена на 70. издание на „Стериино позорје“ во Нови Сад.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.







