Пријава е поднесена против унгарскиот премиер Виктор Орбан поради видео на кое се гледа како вози автомобил без да го држи воланот.
Видеото, објавено пред изборите на 12 април, го прикажува Орбан како пее во својот автомобил и во еден момент го пушта воланот, објавува унгарскиот весник „Блик“.
Во видеото, објавено пет дена пред изборите, премиерот е снимен како вози од дома до работа. Во снимката, Орбан вели: „Ајде да одиме! Ваква е ситуацијата!“, ги крева очилата за сонце и показалецот, по што започнува предизборната песна „Унгарското село зазелене, пролетта пристигна“.
Орбан се забавува во автомобилот и во еден момент вози без рацете на воланот. Жалбата ја поднесе граѓанин кој верувал дека Орбан со тоа ги крши сообраќајните прописи.
Полицијата во Будимпешта потврди за унгарски портал дека пријавата навистина е поднесена, но на крајот била отфрлена.
„Пријавата за лесен сообраќаен прекршок, поднесена согласно член 80, став а) од Законот II од 2012 година за прекршоци, прекршочна постапка и систем за евидентирање на прекршоци, беше отфрлена на 15 април 2026 година, бидејќи пријавеното дело не е прекршок“, се вели во одговорот на полицијата.







