Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека Иран сигурно ќе учествува на овогодинешното Светско првенство, и покрај војната со Соединетите Американски Држави.
Зборувајќи на форум на Си-Ен-Би-Си, Инфантино рече дека е важно Иран да учествува на Светското првенство иако неговото учество е доведено во прашање откако САД и Израел започнаа напади врз земјата.
„Иранскиот тим дефинитивно доаѓа, да. Се надеваме дека дотогаш ситуацијата ќе биде смирена. Како што реков, тоа сигурно би помогнало, но Иран мора да дојде. Тие го претставуваат својот народ, се квалификуваа, играчите сакаат да играат“, рече Инфантино.
Првиот човек на ФИФА се сретна со репрезентацијата на Иран во Анталија пред две недели.
„Отидов да ги видам. Тие се всушност прилично добар тим. И тие навистина сакаат да играат и треба да играат“, рече Инфантино и призна дека не е секогаш можно да се одвојат спортот и политиката.
Светското првенство ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико.
Иран треба да игра против Нов Зеланд и Белгија во Лос Анџелес на 15 и 21 јуни, додека дуелот со Египет е закажан за 26 јуни во Сиетл.
Foto/ Depositphotos







