Камерниот оркестар Профундис ќе настапи на свеченото отворање на интернационалниот „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”), кој од 17 до 19 април ќе се одржи во Тирана, Албанија. Настапот ќе биде реализиран заедно со истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и ќе претставува централен уметнички момент на отворањето на фестивалот.
На 17 април, публиката ќе има можност да проследи 40-минутен сценско-визуелен перформанс кој ги обединува класичната музика, современиот сценски израз и визуелните елементи. Камерниот оркестар Профундис ќе настапи во соработка со оркестарот на РТШ, претставувајќи современ уметнички концепт кој ја нагласува креативната енергија на македонската музичка сцена.
„За нас претставува особена чест што токму Профундис ќе биде дел од свеченото отворање на еден ваков интернационален фестивал. Овој настап е можност да ја претставиме современата македонска музичка сцена пред меѓународна публика и да покажеме дека камерната музика може да биде дел од современи мултимедијални концепти,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на Профундис.
„Соработката со Ема Попивода и сценско-визуелниот концепт на проектот отвораат нов простор за креативен израз. Ваквите настапи се значајни не само за афирмација на оркестарот, туку и за позиционирање на македонските уметници на меѓународната сцена,“ додаде Дашиќ.
„Мјуз-Екс Експо фестивал“ претставува интернационална платформа која обединува музика, визуелни уметности, креативни индустрии и културни професионалци од повеќе земји. Фестивалот се одржува на мултифункционална сцена во просторот на Пирамидата во Тирана и вклучува концертна програма, конференции, експо-презентации и професионални средби, со што создава можности за културна размена и нови меѓународни соработки.
Настапот на Камерниот оркестар Профундис на отворањето претставува значајно меѓународно претставување на македонската музичка уметност и уште една потврда за нивното активно присуство на регионалната и европската сцена.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да создаде професионален камерен оркестар кој ќе се посвети на изведба на сложени и предизвикувачки дела од класичната музика, а во својата програма вклучува и праизведби на дела од современи автори. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светски имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар.
„Профундис“ е оркестар кој се истакнува по својата иновативност и оригиналност, следејќи ги највисоките стандарди на европските и светски камерни оркестри. Во својата кратка, но богата историја, оркестарот имал настапи во престижни сали и на значајни фестивали, како „Kotor Art“, „Sofia Music Weeks“, „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ во Италија, Србија, Бугарија и Црна Гора, а неговите изведби во Македонија веќе се сметаат за културни настани од национално и меѓународно значење.
Македонската пијанистка Ема Попивода е уметник со изразен современ музички израз и активна меѓународна кариера, која се движи меѓу класичната музика, мултимедијалните проекти и културниот менаџмент. Со својата работа таа се истакнува по иновативниот пристап кон концертната форма, комбинирајќи музика, визуелна уметност и современи сценски концепти.
Покрај изведувачката кариера, Попивода е директорка на Македонскиот културен центар во Тирана, каде активно работи на промоција на македонската култура и развој на регионални и меѓународни културни соработки. Во рамките на оваа функција иницира и реализира бројни проекти кои ги поврзуваат уметниците од Македонија со меѓународната сцена.
Нејзините настапи се карактеризираат со современа интерпретација на класичниот репертоар, како и соработка со композитори и уметници од различни области. Посебен фокус во нејзината работа имаат мултимедијалните проекти, каде музиката се надополнува со визуелни и сценски елементи, создавајќи уникатно концертно искуство.







