СДСМ: Странска разузнавачка компанија ангажирана за следење на опозицијата

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ангажирал странска приватна разузнавачка компанија за следење на опозицијата и, како што велат, фабрикување афери.

Во соопштението се наведува дека станува збор за Black Cube, израелска приватна разузнавачка компанија, која СДСМ ја опишува како „приватен Мосад“, позната по „следење, собирање информации, провокации и фабрикување афери против политички цели“.

„Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за да ги следи функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ тврдат дека тим на „Black Cube“ неодамна престојувал во Скопје и одржал состаноци во хотел, на кои, како што посочуваат, присуствувал и бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ, кој требало да го финансира ангажманот.

Партијата оценува дека целта е „да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ“.

Во соопштението се прави и споредба со Унгарија, при што се наведува дека вакви методи претходно биле користени од Виктор Орбан, а се споменуваат и наводни активности поврзани со избори во други земји.

„Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога легалните инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да се прават лажни афери и да се заплашува опозицијата“, наведуваат од СДСМ.

Во реакцијата се додава дека, и покрај овие наводи, партијата ќе продолжи да инсистира „на вистината, на независното правосудство и на европскиот пат на Македонија“.

Scroll to Top