Американската морнарица синоќа отвори оган врз ирански товарен брод, а во акцијата учествуваше и разорувачот „USS Spruance“, еден од клучните бродови на американската флота.
Станува збор за разорувач од класата „Arleigh Burke“, опремен со наведувани ракети и наменет за дејствување против цели на море, во воздух и на копно. Според американската морнарица, „USS Spruance“ испукал повеќе проектили од својот топ од 127 мм кон машинската просторија на бродот M/V Touska за да го онеспособи, по што американските маринци ја презеле контролата врз бродот.
Топот Mark 45 што е користен за гаѓање на бродот е во употреба од 70-тите години на минатиот век и може да погоди цели на оддалеченост до 24 километри. Тоа е целосно автоматско оружје кое може да испука помеѓу 16 и 20 гранати во минута, со можност за брзо повторно полнење.
Придружба на бродот USS Abraham Lincoln
USS Spruance е долг над 150 метри и има екипаж од 329 лица. Влезе во оперативна употреба во 2011 година и моментално работи како дел од ударната група на носачот на авиони USS Abraham Lincoln, со седиште во Сан Диего.
Покрај артилериското вооружување, бродот е опремен со торпеда, крстосувачки ракети Tomahawk за напаѓање копнени цели и системи за воздушна и ракетна одбрана, вклучувајќи ракети Standard и Sea Sparrow.
Разурнувачот е именуван по адмиралот Рејмонд Сприанс, командант на американските сили во Битката кај Мидвеј во Втората светска војна, една од клучните поморски победи на САД во Пацификот.







