Отворен Саемот на книгата 2026 во Скопје: „Кој чита, живее илјада животи пред да умре“

Книгата е најтивката револуција што човештвото ја познава. Таа не вика, не урива, не бара дозвола, но менува сè, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на Саемот на книгата 2026 во Скопје.

На свечениот настан, во присуство на голем број издавачи, автори, гости од земјава и од странство, како и голем број љубители на пишаниот збор, министерот истакна дека Саемот претставува „простор на мислата, имагинацијата и слободата“, нагласувајќи ја улогата на книгата како двигател на општествениот развој.

„Кој чита, живее илјада животи пред да умре. Народ што чита не може лесно да се манипулира. Народ што размислува не може лесно да се подели, а народ што создава не може лесно да исчезне“, истакна Љутков.

Тој нагласи дека во време на брзи и површни информации, читањето претставува чин на отпор и свесна одлука за длабоко размислување, при што книгата добива улога на простор за тишина, концентрација и критичко мислење. Посебен акцент беше ставен на читателот како суштински учесник во животот на книгата, без кого таа останува само потенцијал.

Саемот на книгата 2026 година обединува над 60 издавачки куќи и повеќе од 130 нови наслови, како и учесници од повеќе европски и светски земји, со што Скопје се позиционира како значајна културна раскрсница.

„Отворете го прозорецот – не само кон нови светови, туку и кон нови идеи, прашања и перспективи“, беше пораката со која беше заокружено обраќањето на министерот.

Саемот на книгата 2026 продолжува во наредните седум дена, нудејќи богата програма за посетителите од сите генерации.

Scroll to Top