„Што и да правам – функционира“: Трамп за заканите кон Иран и односите со НАТО

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „што и да прави, изгледа дека функционира многу добро“, кога беше прашан за неговите закани упатени кон Иран, пренесе Би-Би-Си.

Во краток телефонски разговор со уредничката за Северна Америка на Би-Би-Си, Сара Смит, Трамп беше прашан дали неговата изјава од почетокот на месецот – дека „целата цивилизација ќе умре вечерва“ – била закана за употреба на нуклеарно оружје против Иран.

„Другата страна едвај чека да постигне договор“, одговори Трамп. „Значи, што и да зборувам или правам, изгледа дека функционира многу добро. Ви благодарам многу.“

Говорејќи за НАТО, Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави „воопшто не требало“ да го имаат сојузот во евентуален конфликт со Иран, но додаде дека „требало да бидат таму“.

На прашањето зошто тогаш сакал да ги вклучи, тој одговори: „Затоа што сакав да видам дали ќе се вклучат или не.“

Трамп истакна дека САД „секогаш биле за“ Обединетото Кралство и НАТО, но ја критикуваше Британија дека не вложила „барем минимален напор и барем не упатила поубави зборови“.

Тој додаде дека „многу луѓе од Обединетото Кралство“ ѝ порачале на неговата администрација дека одлуката да не се вклучи во војната била „неверојатно лоша“.

Претходно во разговорот, Трамп рече дека верува оти неговиот однос со британскиот премиер Кир Стармер би можел да се „поправи“, доколку „го отвори Северното Море“ и ја заостри имиграциската политика.

„Ако не го направи тоа, мислам дека нема шанси“, додаде Трамп.

Scroll to Top