Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е „уплашен и нервозен политичар“ кој, како што велат, секојдневно ретерира, поставува ултиматуми и делува под влијание на поранешниот премиер Зоран Заев.
„Филипче е исплашен и глуми патриот, а во суштина ја следи агендата на Заев и чека негови насоки и инструкции за делување“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата оценуваат дека СДСМ, предводена од Филипче, е без идеи и визија за развој на државата, додавајќи дека, според нив, наместо да се фокусира на домашните прашања, партијата се занимава со политички случувања во други држави.
Во реакцијата се изнесуваат и критики дека СДСМ со своите политики ја довела државата во, како што велат, подредена позиција и направила компромиси на штета на националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Филипче нема конзистентни ставови и дека, како што наведуваат, под влијание на Заев ги кочи клучните закони поврзани со европската агенда.
„Филипче и СДС не нудат решенија и напредок, туку слепо ја следат агендата на Заев, што, според нас, им нанесува штета на демократските процеси во државата“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Владата останува посветена на зачувување на животниот стандард на граѓаните и на европскиот пат, со, како што истакнуваат, зачувување на достоинството на државата.







