Во саботата, пред Рамстор Мол во Скопје, се одржа свечена промоција на новиот чамец Stia 580, модел на македонскиот бренд УниМар – бренд кој произлегува од 40-годишната традиција на компанијата Унипласт.
Настанот привлече бројни гости, партнери, љубители на наутиката и поддржувачи на домашното производство, кои имаа можност одблиску да се запознаат со новиот модел, како и со визијата и приказната зад брендот.
УниМар претставува природно продолжение на долгогодишното искуство на Унипласт, компанија основана пред четири децении, која гради препознатливост врз основа на квалитет, посветеност и одговорност. Во наутичката индустрија, компанијата активно делува од 2003 година, произведувајќи чамци за европските пазари, меѓу кои Холандија и Италија, каде високите стандарди за квалитет беа клучен двигател за постојано унапредување.
По повеќе од две децении искуство и развој, компанијата направи значаен исчекор – основање на сопствен бренд и отворање на специјализиран производствен погон, посветен исклучиво на пловни објекти. Така се роди УниМар – симбол на експертиза, технологија и искрена страст кон наутиката.
Централно место на настанот имаше премиерното претставување на моделот Stia 580 – чамец кој е целосно осмислен, проектиран и произведен од домашен тим експерти. Овој модел се издвојува по своето иновативно тримаранско корито, кое овозможува исклучителна стабилност, економично глисирање и високо ниво на удобност и простор во својата класа.
„Нашата цел беше да создадеме чамец што нема да личи на ниту еден друг – препознатлив по својот карактер, решенија и доживување на вода. Stia е нашиот потпис,“ истакнаа сопствениците на УниМар во своето обраќање.
Настанот беше отворен со порака дека не станува збор само за нов производ, туку за симбол на македонска истрајност, визија и способност да се создаваат производи кои ги исполнуваат и надминуваат европските стандарди.
Посебен момент од обраќањата беше споделената анегдота од извоз во Холандија, кога царински службеник одбил да поверува дека чамците се македонско производство – што претставува силна потврда за нивниот квалитет и изработка.
Со промоцијата на Stia 580, УниМар испраќа јасна порака дека македонскиот производ има капацитет да поставува стандарди во наутичката индустрија и да биде извор на национална гордост.









