Мерц: Иран го понижи Трамп

Раководството на Иран ги понижи САД, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, сугерирајќи дека Техеран ја надмудри администрацијата на Трамп на преговарачката маса.

Суровата оценка на германскиот канцелар за застојот во преговорите меѓу САД и Иран е во директна спротивност со напорите на Доналд Трамп да ја прикаже ситуацијата во позитивно светло и веројатно ќе го продлабочи сериозниот трансатлантски јаз меѓу САД и нивните сојузници во НАТО, пишува The Guardian.

Пред два дена, Доналд Трамп го откажа патувањето на американските преговарачи во Исламабад, каде што требаше да се одржат индиректни разговори со иранската делегација. Претходната рунда преговори во пакистанскиот главен град, одржана две недели претходно, заврши без напредок, а американската делегација потоа ја предводеше потпретседателот Џ.Д. Венс.

Само еден ден пред изјавата на Мерц, американскиот претседател изјави за „Фокс њуз“: „Ние ги држиме сите карти во наши раце“, додавајќи дека ако Техеран сака да разговара, „може да дојде кај нас или може да ни се јави“.

Зборувајќи пред студентите во Марсберг, Мерц посочи дека тимот на Трамп бил надигран. „Јасно е дека Иранците се многу вешти преговарачи, или уште подобро, тие се многу вешти во избегнувањето преговори. Тие им дозволуваат на Американците да патуваат во Исламабад, а потоа ги оставаат да си заминат со празни раце“, рече тој.

„Целата нација е понижена од иранското раководство, особено од таканаречената Револуционерна гарда. Затоа се надевам дека сето ова ќе заврши што е можно поскоро“, додаде германскиот канцелар.

 

фото/ЕПА

Scroll to Top