Сопругата на министерот за одбрана на САД со фустан од „Тему“ од 12 евра

Џенифер Рош, сопругата на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, стана главна тема на разговор на социјалните мрежи, сето тоа поради фустан за кој многумина тврдат дека го нарачала преку апликацијата „Тему“.

Џенифер Рош и Пит Хегсет во саботата присуствуваа на годишната вечера на дописниците од Белата куќа, каде што беше извршен обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп. За среќа, американскиот претседател и високите американски функционери беа веднаш евакуирани, а напаѓачот беше брзо идентификуван и уапсен.

Покрај бројните видеа и фотографии од таа вечер, кои сè уште кружат на интернет, една специфична фотографија го привлече вниманието на модниот свет – заедничка фотографија од Пит Хегсет и неговата сопруга пред целиот настан.

Имено, познатиот пар привлече внимание со своите комбинации, поточно, Џенифер Рош. За оваа пригода, таа одлучи да носи миди фустан во пастелно розова боја, украсен со свилени детали во горниот дел, но и во пределот на стомакот. Иако многумина би претпоставиле дека станува збор за скапо дизајнерско парче, инфлуенсерката Ела Деви тврди дека, сепак, станува збор за евтин моден предмет.

Таа ги презентираше своите тврдења на социјалната мрежа X, наведувајќи дека сопругата на министерот за одбрана го купила фустанот преку популарната апликација „Тему“.

„Сопругата на Пит Хегсет носеше фустан од Тему на вечерата на дописниците од Белата куќа (не се шегувам)“, напиша 18-годишната инфлуенсерка покрај фотографиите од двојката и фустанот.

Веста ја објавија сите странски медиуми, а Џенифер сега е главна тема.

И додека некои го фалат потегот на Џенифер, велејќи дека изгледа прекрасно без оглед на цената на фустанот, други го осудија овој потег. Или поточно, нејзиниот сопруг. „Многу ми е жал. Нејзиниот сопруг е богат и не ѝ купи убав фустан…Треба да го остави“, рече една, додека друга додаде: „Дали можеше да носи нешто поубаво?“

Scroll to Top