Во станица се повикани 14 лица, меѓу кои и родителите на шестоодделенките кои малтретираа соученичка во Ѓорче

За врсничкото насилство врз шестоодделенка во Ѓорче Петров, малтретирана од три соученички, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека на разговор се повикани 14 лица, меѓу кои и родителите на вмешаните ученици. Тој увери дека полицијата постојано има фокус и на ваков тип насилство, иако јавноста во изминатиот период беше повеќе насочена кон семејното насилство.

„Во врска со конкретниот случај запознаен сум дека се води истрага, 14 лица се повикани на разговор и за некои од нив ќе следат одредени процесни дејствија. Секако, во рамки на овој предмет е вклучено и Јавното обвинителство, кое постапува по насока од надлежен јавен обвинител. За сите останати детали јавноста ќе биде известена како што ќе се преземаат чекори. Но, сепак станува збор за малолетници, па мора да даваме редуцирани информации имајќи го предвид карактерот на овој тип криминалитет. Во тие 14 лица, колку што сум запознаен, има и родители на инволвираните деца,“ рече министерот Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања денес по промоцијата на протоколот за постапување со лица без државјанство.

За решавање на ваквите проблеми, министерот повика на системски пристап од сите институции и апелираше родителите да се фокусираат на решавање на проблемот.

„МВР во суштина делува превентивно, но неговото делување е секако и репресивно. Мора сите институции да бидат вклучени во рамки на овој процес за да дадеме секторски одговор, системски пристап. Но, апсолутно влијание имаат самите родители и нивната улога во воспитувањето на децата. Нивното поведение во делот на образовниот процес е клучно. Затоа би упатил апел до сите родители и до сите општествени чинители да се фокусираме на овој проблем, затоа што е присутен,“ вели министерот и нагласува дека во јавност излегуваат само дел од настаните, а има и случаи за кои јавноста не знае.

Во ваквите ситуации, според министерот Тошковски, институциите мора здружено да настапат во насока на едукација, соодветен третман и укажување на сите проблематични точки. Експертите, институциите и родителите мора да издејствуваат да се прави јасна разлика меѓу добро и лошо поведение.

Scroll to Top