Ново сведочење против Харви Вајнстин: Поранешна актерка го обвини за силување во хотелска соба

Поранешната актерка, Џесика Ман, во вторникот низ солзи на суд во Менхетен опиша како некогаш моќниот продуцент, Харви Вaјнстин, се обидел да ја присили на сексуален однос во тројка, а потоа и ја силувал во хотелска соба во 2013 година.

Ман се скршила на сведочката клупа додека третпат сведочела за наводниот напад, присетувајќи се дека Вајнстин ја приковал за кревет во хотелот „Даблтри“ во Менхетен на 18 март 2013 година, пренесува „Њујорк пост“.

„Постојано повторував ‘не’ и се обидував да заминам“, изјавила Ман пред поротата, покажувајќи како, според нејзиното сведочење, Вајнстин ѝ ги држел двете раце над главата за време на нападот.

„Се однесуваше со мене како да сум негова сопственост“, додала таа.

Ман изјавила дека Вајнстин подоцна истата година повторно ја силувал, при што изгубила свест затоа што бил „толку тежок“.

Вајнстин, кој во судницата седел во инвалидска количка, веќе беше осуден во 2020 година за силување на Ман, но највисокиот суд на државата Њујорк ја поништи таа пресуда. Новото судење заврши без одлука на поротата по тоа обвинение.

Ман, која денес има 40 години, сведочи третпат против посрамотениот холивудски могул.

Таа раскажа дека го запознала Вајнстин во Лос Анџелес како 27-годишна жена на почетокот од својата актерска кариера и дека неговото воодушевување од нејзиниот потенцијал брзо преминало во обиди за сексуална врска.

Ман сведочела дека во еден период имала и доброволна врска со него, надевајќи се дека од тоа може да произлезе љубовна врска, но нагласила дека неговата моќ во Холивуд влијаела врз нејзините одлуки.

„Харви ми раскажуваше многу приказни за тоа колку е моќен и што сè направил“, рекла Ман, која денес работи како козметичарка и фризерка.

„Во суштина, неговите пријатели напредуваат далеку, а неговите непријатели немаат што да бараат во овој град“, изјавила таа, опишувајќи го впечатокот што го оставал врз неа.

Таа додала дека Вајнстин ѝ кажал дека е во „отворен брак“ со тогашната сопруга Georgina Chapman и дека ѝ се насмеал кога го прашала дали ѝ е момче.

Ман навела дека била загрижена и од неговите врски со влијателни луѓе, меѓу кои и поранешниот американски претседател, Бил Клинтон.

Таа сведочела и за настан од февруари 2013 година во хотелот „Монтаж“ на Беверли Хилс, кога Вајнстин наводно се обидел да ја убеди на сексуален однос во тројка со италијанската актерка, Емануела Постачини.

Според Ман, тогаш доживеала „целосен психички слом“, избегала во бањата и почнала да плаче.

И покрај сè, Ман на суд изјавила дека и понатаму верува дека Вајнстин е гениј.

„Постојат работи кај Харви што навистина ми се допаѓаат“, рекла таа.

Вајнстин се изјасни дека не е виновен по обвиненијата поврзани со Ман.

За пресудата во случајот на поранешната асистентка во продукција Mimi Haley, која повторно беше потврдена на повтореното судење, му се закануваат до 25 години затвор.

Тој веќе издржува 16-годишна затворска казна поради одвоена пресуда за силување во Калифорнија.

Се очекува Ман денеска повторно да сведочи, пренесуваат американските медиуми.

Scroll to Top